Сопругата на Претседателот и ЕУ амбасадорот се обратија на настанот „Ромската жена во 21иот век“
По повод 8 Март- меѓународниот ден на жената, коалицијата на ромски невладини организации “Khetane“ го организираше второто издание на настанот “Ромската жена во 21иот век – можности, придонеси и предизвици” во ЕУ куќата. Настанот е продолжение од минатогодишниот настан во рамки на проектот насловен „Romani Women POWER OF CHANGE in the Western Balkans and Turkey“ поддржан од ЕУ.
На овој двочасовен настан свое обраќање имаа сопругата на Претседателот на Република Северна Македонија, г-ѓа Елизабета Ѓоргиевска и ЕУ амбасадорот и шеф на делегацијата на ЕУ во Република Северна Македонија, г-дин Дејвид Гир.
Во своите обраќања, ја истакнаа својата поддршка за создавање на поволна средина и зголемување на свеста кај општата популација, за да се надминат бариерите, со цел поголема инклузија на жените Ромки. За придонесот и поддршката за унапредување на правата на жените и девојчињата Ромки, коалицијата Khetane им врачи благодарници на сопругата на Претседателот на Република Северна Македонија и ЕУ амбасадорот.
Коалицијата “Khetane” покани говорнички од ромската заедница со различни профили и професионално искуство, жени кои први го имаат отпочнато ромскиот женски активизам во земјава, жени што работат на економско зајакнување на ромската заедница и почитување на човековите права. Панелистките кои што ги споделија своето искуство со публиката беа: Г-ѓа Дилбера Камберовска од организацијата „ДАЈА“ од Куманово; Г-ѓа Кјмет Амет од РАЖМ „ЛУЛУДИ“ од Скопје; Г-ѓа Сузан Амет од организацијата „МИР“ од Скопје и Г-ѓа Енисе Демирова од здружението „Черења“ од Штип. Препознавајќи ги нивните заложби, искуство и придонеси за унапредување на правата на жените и девојчињата Ромки, коалицијата Khetane им додели благодарници за нивниот ангажман.
Настанот “Ромската жена во 21иот век – можности, придонеси и предизвици” се организираше со цел да ги зајакне и охрабри ромските жени во Северна Македонија, давајќи видливост и важност на нивните улоги и придонеси во македонското општество. Преку споделувањето на нивните лични искуства и приказни, јавноста имаше увид во нивните достигнувања како жени со различни профили на работа.
Исто така, се даде акцент на важноста на еднаквите економски, правни и репродуктивни права на ромските жени, како и важноста на концептот на родовата еднаквост и учеството на ромските жени во процесот на интеграција на ромската заедница, носењето на одлуки и креирањето оддржливи политики за Ромите во Северна Македонија, како идна членка на ЕУ.
Поради запазување на протоколите од КОВИД-19, панел дискусијата се пренесуваше во живо на фејсбук страниците на коалицијата.
Проектот „Romani Women – POWER OF CHANGE in the Western Balkans and Turkey“ е поддржан од Европската Унија во рамките на повикот (Europe Aid/162473/DH/ACT/Multi) со проектен број 2019/413-758 имплементиран од страна на Рома Актив Албанија и партнер-организацијата Регионална Ромска Образовна Младинска Асоцијација.
Проектот е финансиран од Европската Унија