Соопштение на коалицијата Khetane по повод прогрес-извештајот на Република Македонија за пристапување кон ЕУ за 2018
19.04.2018, Кратово
Имајќи го во предвид прогрес-извештајот на Република Македонија за пристапување кон ЕУ за 2018, коалицијата Khetane укажува на тоа дека процесот на интеграција на Ромската заедница се уште е бавен и бара поголема посветеност и напори од страна на владата.
Да се потсетиме дека процесот на креирање на јавни политики за Роми во Република Македонија (РМ) започнува во 2004 година при што креирањето на јавни политики за Роми во РМ како процес е наметнат од надвор, за кој ромското цивилното општество работеше подолг период. Како дел од агендата за приближување кон ЕУ, државата беше условена да започне да работи на интеграцијата на ромската заедница.
Имајќи во предвид дека Стратегијата за Роми 2014 – 2020[1] е главниот акт на кои се темелат политиките за Ромите во Република Македонија, покрај меинстрим политиките, владата заостанува во имплементацијата и напредокот на решавање на горливите предизвици на Ромите. Пред се поради предвидениот буџет, каде што во некои ресори средствата беа скратени, а додека пак во некои имаа благо зголемување, но не ветуваа голем прогрес. Покрај напорите за поголема буџетска застапеност на Ромите, сепак решавањето на најголемиот број на предизвици се ко-финансира преку надворешни грантови од страна на различни донатори вклучувајќи ја и Европската Унија како еден од главните донатори за ромските прашања во државата.
Многу од ромските прашања кои се дефинирани од страна на Европската Комисија, а ги има во стратегијата не се исполнети на систематски начин. Република Македонија сè уште заостанува во спроведувањето на препораките во сите општествени сфери поврзани со Ромите.
Коалицијата Khetane укажува на серијата на препораки кои континуирано се повторуваат, а се исто така дел од стратегијата поради неуспешното справување со ресурсите за Ромите и неуспехот во спроведувањето на мерките за справување со потребите на Ромите.
Покрај постигнатиот прогрес во образованието, Ромската заедница во Република Македонија се уште живее во сиромаштија и претрпува лоши социо-економски услови и стандарди. Како што беше претходно забележано, прекршувањето на човековите права и дискриминацијата на Ромите, особено на жените-Ромки продолжува.
Khetane ја поздравува волјата на сегашната влада да се справува со предизвиците на Ромската заедница во Република Македонија, бидејќи истите претставуваат предизвици на нашето општество во кое што СИТЕ заедно живееме!
Следствено на тоа, би препорачале да се зголеми буџетот за имплементација на изготвените Национални Акциони Планови 2015 – 2020 во приоритетните области за интеграција на ромската заедница. Исто така, локалните самоуправи да ги усвојат Локалните Акциони Планови 2017 – 2020, а потоа и да издвојуваат одреден процент за имплементација на истите.
Со оглед на тоа што не се располага со етнички сегрегирани податоци, често проектите на владата или граѓанските организации не го знаат точниот број на корисници. Ако, нема податоци тогаш исто така често се случува да нема индикатори за успех, мониторинг и евалуација на мерките односно проектите и нема факт кој што покажува дали некој проект или некоја мерка е успешна или не.
Поради тоа, Khetane препорачува владата да донесе закон преку кој ќе се овозможи да се прибираат сегрегирани податоци за етничките заедници. Ваквиот чекор би придонел за подобар мониторинг и евалуација на досега постигнатиот резултат од имплементацијата на Стратегијата и другите проекти насочени кон интеграција на ромската заедница во Македонија.
На крај, Khetane како коалиција на Ромски граѓански организации останува отворена за соработка со сите институции (владини и невладини) во решавањето на предизвиците на Ромската заедница во Република Македонија.
Повеќе за потребите на Ромската заедница можете да прочитате во изработениот извештај во сенка на линкот.
Во име на коалицијата “KHETANE”,
Мустафа Јакупов, извршен директор на РРОМА
Линк до соопштението: https://goo.gl/CzeM1b
[1] Стратегија за Роми 2014 – 2020. Достапна на https://goo.gl/ubvQVL