Денес, 16.05.2018 година во Штип се одржа локалниот дијалог помеѓу претставниците на Ромскиот граѓански сектор и градоначалникот на Штип, г-дин Благој Боџварски. Средбата ја иницираше коалицијата на Ромски невладини организации “Khetane” и истата е поддржана од ЕУ во рамките на проектот “Заедничка иницијатива за зајакнување на Ромското граѓанско општество на западен Балкан и Турција” и Вишеград фондот.
Учесниците на состанокот се фокусираа на 4-те димензии кои што потекнуваат од локалните карти за оценување на општините и тоа:
- Посветеност на локалната самоуправа во локалната интеграција на Ромската заедница во Штип;
- Партиципација и Соработка – позитивни примери и практики;
- Ситуација – предизвиците детектирани од страна на претставниците од Ромскиот граѓански сектор и препораки за нивно надминување, искористување на постоечката експертиза при аплицирање на проекти итн;
- Промена – приоритетите и ангажманот на општината за да се постигне посакуваната промена.
Конкретно се дискутираше за предизвиците (пр. од областа на домување, сегрегацијата на Ромските деца, лица без лична документација итн.) со кои се соочуваат претставниците на Ромскиот граѓански сектор во Штип работејќи со Ромската заедница и како истите да се надминат заеднички, во соработка со локалната власт. На состанокот градоначалникот ја потенцираше отвореноста за соработка и искористување на експертизата на претставниците од граѓанскиот сектор за заедничко делување и решавање на проблемите на Ромите како граѓани на општина Штип.
Сите учесници истакнаа дека добрата пракса на дијалог ќе стане редовна алатка за соработка помеѓу локалните власти, претставници на Ромскиот граѓански сектор и Ромската заедница во Штип. Во периодот што следи општина Штип ќе се фокусира на решавање на горливите инфраструктурни проблеми во повеќе Ромски населби низ градот.