Новости

Македонија може да остане со неквалификувана работна сила

Коалицијата на Ромски граѓански организации Khetane сака да предупреди на ризикот државата да остане со неквалификувана работна сила, доколку не се адресира проблемот на преквалификација и доквалификација на работноспособното население.

Имајќи го во предвид осипувањето и миграцијата на висококвалификуваниот кадар во западно-европските земји, коалицијата сака да го сврти вниманието на еден предизвик кој што во наскоро време ќе претставува проблем за земја каква што е Република Македонија. Според Светска банка, еден од главните предизвици за регионот, како и за Македонија, е иселувањето на високообразованите кадри. Податоците покажуваат дека од Македонија се иселиле 29 проценти од популацијата[1]. Покрај високообразованите, се иселуваат и нискообразовани граѓани, што, според Светска банка, упатува на сезонско иселување.

Од Khetane сметат дека работната миграција има силен ефект врз развојот на човечкиот капитал на Република Македонија, бидејќи скоро 20% од населението работи во странство. Ваквата миграција има и негативни и позитивни ефекти врз образованието. Мигрантите со повисоко ниво на образование имаат тенденција да испраќаат почесто пари отколку мигрантите со пониски нивоа на образование, но мигрантите ретко работат во областите на специјализација, бидејќи вештините и квалификациите стекнати пред поаѓање стануваат застарени.

За возврат работната миграција им овозможува на поединците со основни вештини да добијат нови напредни вештини и квалификации. Сепак, бидејќи само мал дел од лицата имаат потврдени квалификации, стекнувањето на нови вештини во странство не може лесно да се претвори во повисоки плати. А, оние кои што остануваат да живеат во Република Македонија не можат да ја потполнат дупката на пазарот на трудот бидејќи им недостигаат потребните квалификации.

Имајќи во предвид дека Ромската популација е најмладата работоспособна популација на пазарот на трудот, вклучувањето на Ромите на пазарот на трудот може да има позитивни ефекти и со овозможувањето на преквалификација, како и доквалификација да се потполни недостатокот на работната сила на пазарот на трудот. Ако им се даде можност, како и поголемиот дел од работоспособното население, Ромите ќе ја задржат истата работа подолго време. Речиси 50% од работоспособните Роми пријавиле периоди на континуирано вработување кои траеле пет или повеќе години. Околу две третини имаа континуирано вработување на периоди над една година. Овие резултати се контрадикторни и го отфрлуваат негативниот став дека Ромите се несигурни и не одржуваат стабилни работни места[2].

Високата невработеност на Ромите претставува проблем на пазарот на трудот и на националната економија, а пред се се должи на неможноста Ромите да најдат вработување поради ниското ниво на образование; застарените работни вештини и исклучувањето од пазарот на трудот. Исто така, поради фактот што голем дел од Ромите ги изгубија своите работни места и беа први на удар за време на економското и индустриско реструктуирање за време на транзицијата од комунизмот. Несомнено, овие фактори создаваат многу реални бариери кои ја намалуваат можноста за вработување и исклучуваат многу Роми од работа, но постои и другата димензија – дискриминацијата – што значително ја влошува ситуацијата и предизвикува систематско исклучување од вработување за голем број на работоспособни Роми.

Khetane во следниот период внимателно ќе го набљудува овој проблем и ќе даде свои придонес истиот да се адресира и реши институционално, а ќе оди во насока работоспособното Ромско население успешно да се вклучи на пазарот на трудото преку преквалификација или доквалификување.

[1] https://goo.gl/fJLkLk

[2] https://goo.gl/NDJUdJ