Новости Публикации

Клучни наоди и заклучоци од искуството на коалицијата “Khetane” со повратници-Роми

  

Клучни наоди и заклучоци од искуството на коалицијата “Khetane” со повратници-Роми

Со цел зајакнување на институционалната рамка која ќе ја поттикне и олесни реинтеграцијата на повратниците, Програмата за помош и поддршка на реинтеграцијата на повратници во Република Македонија предвидува формирање на две национални тела:

– Национално тело за координација на повратниците и;
– Национален центар за реинтеграција на повратници.

За жал, покрај одредени првични чекори преземени во годините – 2010 и 2011 година, програмата речиси воопшто не е имплементирана. Од двете задолжени тела е формирано само Националното тело за координација на повратниците, кое е подолго време е неактивно. Невоспоставувањето на телото со оперативни надлежности за спроведување на програмата – Националниот центар за реинтеграција на повратници всушност претставува илустрација за ниското ниво на имплементација на програмата.

Ситуацијата на теренот го потврдува погоре кажаното. Ниту еден повратник-Ром не знаеше за можностите, или некогаш ги користел услугите што произлегуваат од спроведувањето на програмата. Една очигледна последица од неспроведувањето на програмата е недостатокот на статистички податоци за бројот на повратници во земјата, вклучувајќи ги и Ромите, особено кога станува збор за доброволно враќање.

РРОМА и коалицијата “Khetane” сметаат дека оваа ситуација јасно укажува на отсуство на механизми за координација меѓу надлежните државни институции (и другите релевантни чинители) во врска со реинтеграцијата на повратниците. Програмата за помош и поддршка на реинтеграцијата на повратници во Република Македонија според Договорите за реадмисија предвидува интервенции во следните области:

– Правна помош и лична документација
– Социјална заштита (вклучувајќи социјални станови)
– Здравствена грижа
– Вработување
– Образование

Правна помош и лична документација

Според информациите на РРОМА и коалицијата на “Khetane”, искуствата покажуваат дека во такви ситуации, родителите се советуваат да комуницираат директно со надлежните органи во странство или да се обратат до амбасадата во Скопје. Во двата случаи, постапката е комплицирана и скапа (главно поради трошоците за комуникација и трошоците поврзани со преводот на документите), а странскиот јазик додава дополнителен товар.

Социјална заштита (вклучувајќи социјални станови)

Не само што несоодветните информации за нивните права за социјална заштита ги спречуваат повратниците да ги искористат правата што им се на располагање, но во одредени ситуации, поради грешки или непочитување на постапката, тоа резултира со дополнителни обврски и тешкотии: Во некои случаи Ромските повратници укажаа на несоодветен третман на вработените во центрите за Социјална заштита, за кои сметаат дека се должат на предрасудите и стереотипите поврзани со нивната етничка припадност; и постојниот институционален антициганизам во македонските државни институции. Од друга страна, приемниот центар сè уште не е воспоставен и не функционира.

Здравствена грижа

Од постоечките податоци во рамките на коалицијата на “Khetane”, повратниците се соочуваат со предизвици за добивање на здравствено осигурување, а со тоа и пристап до системот за јавно здравје. Искуството покажува дека многу повратници-Роми имаат право на здравствено осигурување на сметка на државата, но имаат недоволно познавање на нивните права од областа на здравствената заштита и осигурувањето, што придонесува за слабиот здравствен статус на Ромската популација. Од друга страна, во пракса, постои нееднаков (антициганистички) третман во пристапот до здравствената заштита, како и повреда на правото на здравство и право на здравствена заштита. Некои повратници се откажуваат од добивањето на право на примарна здравствена заштита, со што се загрозува нивното здравје и здравјето на членовите на нивните семејства.

Вработување

Овозможувањето на пристапот на Ромите на пазарот на трудот е од “клучно значење”. Предвидените мерки вклучуваат: известување на повратниците во АВРМ со цел да ги остварат придобивките што им се обезбедуваат на невработените лица; информирање за активните мерки за вработување, можностите за самовработување и достапните кредити; изработка на индивидуални планови за вработување за секој регистриран повратник; организирање работилници за вештини за барање работа и меки вештини; и вклучување на повратниците во обуките организирани од АВРМ итн. Сепак, програмата и предвидените активности не се имплементирани добро. Оттука, не е изненадување што не постојат статистички податоци за невработеноста кај повратниците-Роми во земјата.

Образование

Повратниците-Роми не добиваат системска поддршка за да го продолжат образованието или образованието на членовите на нивните семејства. Тие често се соочуваат со потешкотии во обезбедувањето на поддршка за продолжување на задолжителното образование на своите деца, додека другите можности се чини дека се користат од исклучително мал број на поединци. Значајна пречка за вклучување на децата-повратници во образовниот систем е прашањето за нострификација и верификација на документите за завршено образование во странство. Всушност, со скратените постапки за испитување на барањата за азил, некои од децата на барателите на азил, иако се вклучени во образовниот систем во странство, се враќаат пред да ја завршат учебната година и не добиваат сертификат или диплома. Во случај кога престојот трае подолг временски период и децата и младите добиваат сертификати и дипломи за завршено образование, таквите документи мора да бидат потврдени. Постапката за нострификација може да трае и до неколку месеци и чини 2.250 денари (приближно 36 евра) по диплома или уверение за основно образование или 3.250 денари (приближно 52 евра) по диплома или потврда за средно образование. Поради претходно споменатите информации и недостаток на информации за постапката, мнозинството од повратниците-Роми воопшто не ја започнале процедурата за нострификација. Од овие две причини и постојниот антициганизам во државните институции и меѓу државните службеници, како и службените лица, најголем број на деца-повратници се враќаат во истата основна или средношколска година во која биле пред да ја напуштат земјата, без образованието во странство да биде земен во предвид.

Препораките на коалицијата “Khetane”

  • Интензивирање на мерките и активностите на државните институции за интеграција и вклучување на Ромите во македонското општество воопшто
  • Преиспитување на потребата од Програмата за помош и поддршка на повратниците во Република Македонија во согласност со договорите за реадмисија со постојните одредби.
  • Воспоставување на меѓуминистерско тело или механизам за координација и размена на податоци и информации поврзани со повратниците, со фокус на повратниците-Роми.
  • Интензивирање на напорите за регистрирање на лица во јавна евиденција и обезбедување на лични документи за сите лица во земјата кои сé уште не ги регулираат овие прашања, вклучително и Ромите и повратниците.
  • Интензивирање на напорите за информирање на повратниците за нивните права и обврски како граѓани на Република Македонија, веднаш по нивното пристигнување во земјата.
  • Обезбедување можност за краткотрајно сместување на повратниците веднаш по нивното враќање во Македонија, за оние лица кои немаат сместување во земјата.
  • Зајакнување на капацитетите и ресурсите на Ромските информативни центри и Ромските здравствени медијатори за да обезбедат информации и ефикасна паралегална помош за повратниците-Роми (и Роми воопшто) во остварувањето на нивните човекови и граѓански права, во соработка со релевантните институции.
  • Олеснување и промовирање на пристапот на Ромите до бесплатна правна помош.
  • Обезбедување на финансиска поддршка од јавниот буџет на организациите активни на терен за да се обезбеди бесплатна правна и параправна помош и поддршка на Ромите и повратниците.
  • Промовирање на можностите и значењето на улогата на локалната самоуправа во обезбедувањето одржлива реинтеграција на повратниците-Роми.
  • Владата да се посвети на интеграцијата на Ромите во Македонија, почитувајќи ги заклучоците и препораките од семинарот на високо ниво оддржано во Скопје во ноември 2017 година.

* РРОМА ја формираше коалицијата на Ромски граѓански организации во рамките на проектот “Заедничка иницијатива за зајакнување на ромското граѓанско општество во Западен Балкан и Турција”, поддржан од Европската унија под повик Europe Aid / 150147 / DH / ACT / PRAREG со број на проектот 2015/370 -300 имплементиран од Ромa Актив Албанија и партнерска организација Регионална Ромска Образовна Младинска Асоцијација.