Новости

Градоначалникот Дудуш во Брисел за наградата „Најпријателски Ромски Градоначалник“

Градоначалникот на Шуто Оризари, г-дин Курто Дудуш, беше прогласен за најпријателски Ромски градоначалник од Република Северна Македонија во Брисел на церемонијата која што се оддржа во Европскиот парламент на 19.11.2019 година. Тој го доби официјалното признание и наградата од претставниците на Европскиот парламент и Европската комисија. На настанот присуствуваа сите градоначалници-добитници на наградата од регионот на западен Балкан и Турција.

Во рамките на проектот „Заедничка иницијатива за зајакнување на Ромското граѓанско општество на западен Балкан и Турција“ поддржан од Европската Унија во рамките на повикот Europe Aid/150147/DH/ACT/PRAREG со проектен број 2015/370-300 имплементиран од страна на Рома Актив Албанија и партнер-организацијата Регионална Ромска Образовна Младинска Асоцијација се објавуваше конкурсот за избор на најпријателски Ромски градоначалник. Изборот за „најпријателски Ромски градоначалник“ се организира за подобрување на дијалогот на локалните власти и Ромската заедница, и добрите пракси на дијалог да станат видливи. Целта на изборот е да биде конструктивна алатка за подобрување на состојбата на Ромската заедница, фокусирајќи се на позитивните примери, без обвинувања на останатите.

Коалицијата “Khetane” внимателно го организираше изборот во Република Северна Македонија, поканувајќи претставници на меѓународни институции и владини претставници во независната комисија, која што го прогласи градоначалникот Дудуш за победник со освоени 38 поени, наспроти Берово со 31, Куманово 27 и Крива Паланка со 17. Комисијата едногласно одлучи апликацијата на општина Тетово да не ја земе во предвид заради незапазување на воспоставените критериуми за аплицирање.

Општината Шуто Оризари покажа задоволителни напори и посветеност во решавањето на проблемите на Ромската заедница, фокусирајќи се при тоа на многу сфери, меѓу кои и креирањето на младински совет, креирајќи политики и програми за животна средина, култура, социјална заштита, како и подобрување на локалниот економски развој на општината.

Останува на градоначалникот и понатаму посветено да ја работи својата работа, а наградата да му биде дополнителен мотив за уште многу успеси.