Активности во Сумнал по повод одбележувањето на 2 април-Светскиот ден на книгите за деца и 8 април-Меѓународниот ден на Ромите
„Сумнал“ – здружението за развој на Ромската заедница и коалицијата на Ромски невладини организации “Khetane” заеднички го одбележуваат 2 Април – Светскиот ден на книгите за деца и 8 Април – Меѓународниот ден на Ромите.
На ден 02.04.2018 година (понеделник) со почеток во 12 часот во просториите на „Сумнал“ – здружение за развој на Ромската заедница, заедно со министрот без ресор г-дин Аксел Ахмедовски ќе се промовира кампањата „Прочитај ми сказна за да го разберам светот”, со цел да се популаризира читањето книги кај ромските деца од најмала возраст. Министерот Ахмедовски ќе им прочита книга на децата кои го посетуваат центарот.
Од здружението Сумнал велат: “…Читањето е забавно! Тоа е клучна вештина која ни помага да учиме и да го живееме животот, затоа започнувањето со читање е возбудлива и важна фаза од развојот на децата. Да им овозможиме на децата редовни дружби со книгата од мали нозе, да им го збогатиме детскиот вокабулар со нови зборови, да ја поттикнеме љубопитноста од најмала возраст, да им ја развиеме способноста за памтење и креативност. Децата се како сунѓери, да им овозможиме да впијат нови знаења во забавна и опуштена атмосфера…“
Кампањата „Прочитај ми сказна за да го разберам светот” ќе опфати средба со писатели, читање на книги од познати личности, едукативни работилници за деца и родители итн. Со заеднички напори на сите ќе се формира мини-библиотека во рамките на центарот, со цел да се популаризира читањето на книги кај ромските деца.